Пред спомен-бистата на великанот Коста Солев Рацин, во дворот на велешката Гимназија што гордо го носи неговото име, вчера започнаа 59. Детски Рацинови средби.
Патувањето низ годинашното издание на манифестацијата започна со најмалите, најнадежните и најсилните следбеници на Рацин – дечињата од градинката „Димче Мирчев“, кои со своето присуство ја означија симболичната средба на најмладите со делото и наследството на велешкиот поет.
Во рамките на програмата, во Медијатеката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ – Велес, се одржа и промоција на книгата „Земјата на заборавените сказни“ од авторката Билјана С. Црвенковска.
Со овие активности започна уште едно издание на Детските Рацинови средби, манифестација која ја негува љубовта кон литературата, творештвото и Рациновото книжевно наследство кај најмладите генерации.




















