Охрид излегува на улица. Во сабота, 21 ноември, од 12:00 до 14:00 часот, во градот ќе се одржи мирен граѓански протест против фемицидите, родово базираното и семејното насилство и, како што велат организаторите, против институционалното непостапување. „Преку глава ни е од молк, оправдувања и институции што не реагираат навреме“, пишуваат организаторите во повикот објавен на социјалните мрежи.
Протестот е поттикнат од гневот и загриженоста поради сеприсутното насилство врз жените, но и од неодамнешниот случај на насилство што го потресе Охрид. Се работи за тешкото претепување на 26-годишна жена. 31-годишниот осомничен сторител е обвинет за три кривични дела и му е определен 30-дневен притвор. Околу два часот по полноќ, во саботата на 15 ноември, расправијата меѓу 26-годишната Сара Ѓорѓиеска и нејзиниот 31-годишен партнер Кристијан Корабоски започнала во неговиот дом, а продолжила во неговиот автомобил. Сара барала да ја пушти да излезе. Тој одбил и продолжил да вози со голема брзина. Нападот почнал уште додека возел и не престанал ни откако го запрел возилото, сè додека Сара не изгубила свест. Онесвестената девојка, според извештаите, ја исфрлил од возилото.
Според организаторите, овој случај уште еднаш покажа дека насилството не се случува „некаде таму, туку блиску до нас, можеби и меѓу луѓето што ги познаваме“.



















