СДСМ и Филипче упорно ја повторуваат истата приказна за наводната забрана за работа на Алта банка во ЕУ, иако нивните тврдења се покажале како неточни, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата обвинуваат дека СДСМ и Филипче со денови ширеле паника, изнесувале обвинувања и ја доведувале во прашање стабилноста на банкарскиот систем. Според ВМРО-ДПМНЕ, тие тврделе дека банката е неликвидна, дека ќе пропадне и дека граѓаните ќе останат без своите пари.
„И што се случи на крајот? Излезе вистината на виделина за СДС и ДУИ за нивните сопствени деловни релации со Алта банка и Давор Мацура“, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека СДСМ барале надзорна расправа, но кога требало да одговорат на прашањата на расправата, Филипче и партијата избегнувале соочување и нејзино продолжување.
„Кога обвинуваат СДС и Филипче се гласни. Кога треба да одговараат СДС и Филипче молчат и ги нема“, се наведува во реакцијата.
Од партијата поставуваат прашања кој ја говорел вистината за Алта банка, зошто СДСМ и Филипче ширеле паника и зошто сега се избегнува надзорна расправа на која, како што наведуваат, треба да се расчистат сите отворени прашања.
„СДС и Филипче треба да знаат дека нема бегање од одговорност. Нема бегање од фактите. А уште помалку може со молк да ги избришат сопствените релации со Давор Мацура и Алта банка.
Филипче и СДС должат одговори. Граѓаните очекуваат одговори и факти, СДС и Филипче да не се кријат“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.




















