Кошаркарите на Борец Баскет потешко од очекуваното стигнаа до нови бодови во Топ 8 од Првата кошаркарска лига на Македонија, совладувајќи го тимот на Мега Баскет со 79:76 во неизвесен натпревар решен во самата завршница.
Натпреварот започна израмнето, а по првите десет минути резултатот беше нерешен 17:17. Во втората четвртина гостите од Прилеп заиграа значително подобро, ја презедоа контролата и на полувреме заминаа со предност од седум поени (36:43).
Велешани силно реагираа на стартот од второто полувреме и брзо ја анулираа негативата. Советите на тренерот Ангел Љутков вродија со плод, па домашниот состав постепено ја презеде иницијативата и до крајот на натпреварот одржуваше предност која се движеше меѓу четири и осум поени.
Сепак, завршницата донесе вистинска драма. По неколку неискористени напади на двете страни, на 15 секунди до крајот Зијон Тимоти Џонс реализираше само едно од двете слободни фрлања, оставајќи им можност на гостите да стигнат до продолжение. Во последниот напад топката беше кај Стевановски, но неговиот обид за израмнување не заврши во кошот.
Најефикасен во редовите на Борец Баскет беше Американецот Зијон Тимоти Џонс со 21 поен, додека кај Мега Баскет се истакна Јовановски со 16 поени. По одиграното 10. коло, Борец Баскет е на чекор до обезбедување место во плеј-оф разигрувањето со биланс од седум победи и три порази.

















