Автомобилската индустрија во Југоисточна Европа влегува во период на големи промени. Во изминатата година илјадници работни места се изгубени во Романија, Србија и Бугарија, поради намалување на производството, затворање фабрики и реструктурирање на компаниите.
Истовремено, дел од компаниите инвестираат во нови производствени капацитети и развојни центри, обидувајќи се да се прилагодат на новите услови на европскиот пазар.
Затворања и отпуштања во регионот
Во Романија неколку големи компании најавија намалување на бројот на вработени. Меѓу нив се добавувачот на автомобилски делови „Аумовио“, кој е дел од германскиот „Континентал“, како и самиот „Континентал“, кои планираат да укинат стотици работни места.
Затворање фабрики што директно влијае на илјадници работници најавија и други компании, меѓу кои американскиот производител на автомобилски седишта „Адиент“, ирскиот технолошки добавувач „Аптив“, германскиот производител на системи за ожичување „Леони“, производителот на автоделови „Форвија“ и американскиот производител на бришачи „Трико“.
Компаниите како главни причини ги наведуваат слабата побарувачка на европскиот пазар, недостигот на нарачки, зголемената конкуренција и неизвесноста околу темпото на транзицијата кон електрични возила.

Слична ситуација и во Србија
И во Србија автомобилскиот сектор се соочува со сериозни предизвици. Минатата година илјадници работници останаа без работа поради намалување на производството, кое е последица на послабата побарувачка на европскиот пазар.
Меѓу компаниите што го намалија бројот на вработени се германските производители „Леони“ и „Дрекслмаер“, јужнокорејската компанија „Јура корпорејшн“, кинескиот добавувач „Јанфенг“, како и германскиот производител на погонски системи „Флендер“. Според најавите, отпуштања во секторот може да има и во текот на оваа година.
Фабрики се затвораат и во Бугарија
Во Бугарија производителот на автомобилски батерии „Елхим Искра“ неодамна објави дека ја прекинува работата, откако изгубил дел од пазарот во Западна Европа. Причина за тоа се намаленото индустриско производство и засилената конкуренција од производители од Турција, Кина и Индија.
Покрај тоа, германската компанија „МД Електроник“ најави дека ќе го затвори својот производствен погон во Бугарија до средината на 2026 година, со што без работа ќе останат повеќе од 550 луѓе.
Трансформација на индустријата
Според експертите, овој бран отпуштања е дел од поширока трансформација на автомобилската индустрија во Европа и светот. Игoр Вјатов, директор на српскиот автомобилски и мобилен кластер, објаснува дека една од клучните причини е преминот од возила со мотори со внатрешно согорување кон електрични автомобили.
Електричните возила имаат значително помал број компоненти, што ја намалува потребата од одредени производствени операции и работна сила. Дополнително, секторот се соочува со раст на цените на енергијата и суровините, како и со засилена конкуренција од азиските производители.
Нови инвестиции и проширување на производството
И покрај негативните трендови, во регионот има и позитивни примери. Некои компании го прошируваат производството и отвораат нови работни места.
Во Србија автомобилскиот гигант „Стелантис“ го прошири производството во фабриката во Крагуевац, каде во последната година и пол се отворени околу 2.000 нови работни места.
Во Романија, пак, инженерската компанија „Ріахо“ најави отворање нов центар за истражување и развој во Темишвар, во соработка со американскиот производител на батерии „Клариос“, со што ќе се создадат околу 120 високо квалификувани работни позиции.
Дополнително, компаниите „Дрекслмаер Романија Системе Електрисе“ и автомобилскиот производител „Дачија“, дел од групацијата „Рено“, добија државна поддршка за модернизација и проширување на производството.

Клучна индустрија за економијата
Романија, Србија и Бугарија со години привлекуваат големи добавувачи на автомобилски делови благодарение на пониските трошоци за работна сила и близината до европските пазари. Автомобилската индустрија има значајна улога во нивните економии.
Според експертите, сегашните промени не мора да значат долгорочен пад на секторот, туку негова длабока трансформација. Транзицијата кон електрична мобилност, велат тие, може да донесе нови инвестиции и технолошки развој во регионот.
Извор: Money.bg

















