Системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци, познат како „Безбеден град“, ќе започне официјално со работа на 1 февруари 2026 година, објави порталот „360 степени“.
Можноста за одложување неодмна ја најави министерот Панче Тошковски, по стартот на тест периодот, кој укажа дека на повеќе функционалности ќе им треба унапредување.
Како што најавува МВР, „Безбеден град“ во февруари ќе започне да работи во Скопје, Тетово и Куманово, како и на делници од автопатските коридори 8 и 10.
Системот ќе функционира со фиксни камери, кои ќе регистрираат брзина на движење, поминување на црвено светло и нерегистрирани возила, а ќе биде дополнет и со специјализирани полициски возила опремени со уреди за снимање, кои ќе се движат низ градовите и ќе документираат непрописно паркирање и други прекршоци.

















