Фудбалерите на Борец 1919 со стил го затворија есенскиот дел од првенството, совладувајќи го Бучин со убедливи 4:0 во рамките на 13. коло од Третата лига – Југ. Домашниот тим доминираше во сите сегменти од играта, а единствена причина резултатот да не биде уште повисок беше неискористеноста на бројните шанси пред голот на гостите.
Натпреварот започна со 30-минутно доцнење поради каснењето на екипата од Бучин, но тоа не ги извади од ритам велешаните. Борец ја отвори серијата голови во 28. минута преку Марко Миловановиќ, а осум минути подоцна Имеров Илхан ја удвои предноста.
Во второто полувреме продолжи притисокот на црвено-белите, кои во финишот ставија печат на победата. Милан Чичевски погоди во 81. минута, а Марко Јанковски во самиот финиш, во 89. минута, ги постави конечните 4:0.
Борец 1919 ја завршува есенската сезона на втората позиција на табелата. Иако имаат ист број бодови со лидерот Превалец, тимот од Превалец ја задржува првата позиција благодарение на подобрата гол-разлика.

















