Борец Баскет продолжува да „меле“ во Првата кошаркарска лига и вчера во Велес ја запиша седмата победа во низа, овојпат на повеќе од убедлив начин – со неверојатни 127:50 и разлика од +77 поени, против екипата на Струмица Ролинг.
Од самиот старт беше јасно дека домашниот тим е решен да ја наметне својата игра. Гостите парираа само во првите пет минути (16:14), по што избраниците на тренерот Љутков „дадоа гас“ и со силна серија брзо се одлепија на 30:14. До крајот на полувремето, Борец целосно ја презеде контролата и на пауза замина со сигурни 56:28.
Во второто полувреме следуваше вистинска кошаркарска рапсодија. Велешани ги одиграа најфуриозните десет минути оваа сезона, правејќи неверојатна серија 40:4, за резултатот да скокне на 96:30 и практично да го реши прашањето на победникот. Во последната четвртина тренерот Љутков им даде шанса на сите кошаркари од клупата, а натпреварот заврши со убедливи 127:50.
Одлична партија прикажа и клупата, која не дозволи пад на темпото. Младите кошаркари одиграа зрело и дисциплинирано, а во листата на стрелци се истакнаа Несторовски со 27 поени и Сапроновски со 26, додека Елис додаде 16, Андов 12 и Климкаров 11 поени. Сите останати играчи се запишаа меѓу стрелците, освен Штерјов и Зафирчев кои не влегоа во игра.
Со оваа победа Борец Баскет ја заокружува календарската година со скор 7-2, што му носи делба на првата позиција на табелата. Велешани заминуваат на празнична пауза со голем мотив и оптимизам дека 2026 година може да биде уште поуспешна.

















