Непочитување на сообраќајните правила, управување без возачка дозвола и нерегистрирани возила, ова е сè почеста слика на велешките улици од почетокот на месецот, кога полицијата евидентира зголемен број вакви прекршоци.
Последниот случај е регистриран на 27.02.2026 во 16:00 часот, кога полициски службеници од Полициската канцеларија Градско лишиле од слобода 17-годишник од Градско.
Како што информираат од полицијата, претходно во Градско малолетникот не застанал на даден знак за запирање и продолжил да се движи со патничко возило „шкода“ со кавадаречки регистарски ознаки во правец кон село Уланци, Општина Градско. Во текот на движењето изгубил контрола, излетал надвор од коловозот и удрил во бетонски столб.
По преземените мерки било утврдено дека возилото било нерегистрирано, а 17-годишникот управувал без положен возачки испит. По насоки на јавен обвинител, тој бил приведен во полициска станица, додека возилото било привремено одземено.
За настанот бил известен и Центарот за социјални работи Велес, а по целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Од почетокот на месецот, според информациите од терен, во Велес и велешко се евидентирани повеќе случаи на управување без дозвола, нерегистрирани возила и непочитување на полициски наредби, што повторно го отвора прашањето за сообраќајната дисциплина и одговорноста на учесниците во сообраќајот.

















