Припадници на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) успешно реализираа интервенција за отстранување на неексплодирани убојни средства (НУС) во атарот на селото Старо Градско. Интервенцијата се одвиваше на локацијата викана Песоци, во близина на реката Вардар, каде беа пронајдени четири артилериски и минофрлачки гранати од Првата светска војна.
По пријава од полициската станица во Градско, пиротехничарот Ѓорги Стефанов од ДЗС изврши увид и безбедно ги отстрани пронајдените експлозивни средства. Станува збор за една артилериска граната со калибар од 75 mm, една минофрлачка граната од 75 mm и две артилериски гранати со калибар од 85 mm. Сите средства се транспортирани на безбедна локација, каде што ќе бидат складирани до нивното уништување во Центарот за воена обука „Криволак“.
Освен оваа интервенција, припадници на ДЗС во истиот период извршија слична акција и во близина на граничниот премин Меџитлија.