Крводарителите од Градско и од останатите населени места во општината уште еднаш ја потврдија својата хуманост, реализирајќи рекордна крводарителска акција што се одржа на 14 декември. Во едно од помалите населени места во државата беа дарувани вкупно 200 крвни единици, што претставува исклучителен одѕив и значаен придонес за здравствениот систем.
Особено охрабрувачки е податокот дека 29 граѓани за првпат се вклучија во крводарителството, испраќајќи силна порака за солидарност и општествена одговорност.
Акцијата заеднички ја организираа Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Велес и Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, со поддршка од Општина Градско. Повод за нејзиното одржување беше Денот на Општината, а во самата реализација активно учествуваа и волонтери од Основната организација на Црвен крст од Градско.
Ова е трета крводарителска акција што годинава се организира во Градско. На претходните две акции беа собрани 96, односно 99 крвни единици, што уште еднаш го потврдува континуитетот и високото ниво на хуманост кај жителите на оваа општина.
















