Велес повторно ќе биде домаќин на еден од најголемите танцови настани во државата – меѓународниот натпревар Christmas Dance Competition,во организација на Балетското студио Анабела., кој по шести пат ќе се одржи на сцената на театарот „Ј.Х.К. Џинот“ на 13 и 14 декември 2025 година.
На овогодинешното издание ќе учествуваат рекордни 1917 танчари со 2352 настапи од 36 танцови клубови од Македонија, Србија, Грција, Бугарија и Косово, што го позиционира натпреварот како едно од најголемите танцови случувања во регионот. Организаторите очекуваат повеќе од 3000 посетители, што дополнително го зацврстува значењето на настанот за локалната културна сцена и туристичка понуда.
Christmas Dance Competition не е само уметнички спектакл, туку и силен стимул за локалната економија. Големиот број гости од земјата и странство придонесува за зголемен промет во угостителството и трговијата, а Велес добива силна промоција како град кој умее да организира настани со европски стандарди.
Организаторите ја информираат јавноста дека за време на викендот на натпреварот се очекува значително зголемен број посетители во градот. Поради тоа, се упатува апел до велешани за трпение и разбирање, особено во делот на сообраќајот каде што е можно поголемо оптоварување околу централното градско подрачје и театарот.
Истовремено, се охрабруваат локалните угостителски објекти да бидат подготвени да ги пречекаат гостите и да ја претстават велешката кујна во најдобро светло. Со ова шесто издание, Christmas Dance Competition уште еднаш го става Велес на мапата на најзначајните танцови натпревари во Македонија и регионот, потврдувајќи дека градот има капацитет да биде центар на култура, младост и креативна енергија.

















