Велешкиот театар постигна исклучителен успех на 59. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Претставата „Рацин“, во режија на Дејан Пројковски и драматургија на Сашо Димоски, освои три престижни награди, потврдувајќи ја својата уметничка вредност и сценска моќ.
Жири-комисијата во состав Лилија Абаџиева (претседател), Иван Меденица и Нела Оташевиќ, на утринската прес-конференција официјално ги соопшти добитниците на овогодишните награди на кои Васил Зафирчев ја доби наградата за најдобра кореографија и сценски движења, Валентин Светозарев ја доби наградата за најдобра сценографија и Сашко Костов за најдобра авторска музика.
Овие награди се големо признание не само за тимот кој стои зад оваа моќна претстава, туку и за самиот велешки театар, кој продолжува да ја негува и унапредува театарската уметност во духот на културното наследство на градот.