Во прилепското село Мажучиште вчера се случи трагичен настан, кога маж загина како последица на удар од гром. Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), пријавата за починатото лице била примена во 17:39 часот. Јавувачот известил дека лицето најверојатно било погодено од гром во село Мажучиште, Општина Прилеп.
„За ова, од Секторот за операции и координација на ЦУК веднаш биле известени МВР и Итната медицинска помош (ИМП) за понатамошна постапка. Според последната информација добиена од РЦУК Битола, истите известиле до ЦУК дека лицето од село Мажучиште, Општина Прилеп било погодено од гром, по што е пренесено во Итна медицинска помош во Прилеп и била констатирана неговата смрт“, се вели во соопштението на ЦУК.
Од УХМР информираат дека денеска времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени локални врнежи од дожд и грмежи. На некои места процесите ќе бидат поинтензивни, со пороен дожд, грмежи, силен ветер и услови за изолирана појава на град.