Ноќеска ќе спиеме подолго, но денот ќе ни изгледа многу пократок уште вечерва, бидејќи ќе почне порано да се стемнува, нешто по 16:30 часот. На 24 октомври сонцето ќе зајде околу 17:38 часот, додека на 25 октомври, сонцето ќе зајде околу 16:37 часот.
Зимското сметање почнува во 3 часот наутро, кога стрелките ќе се поместат на 2 часот. Со ова, во недела, 25 октомври, денот ќе трае 25 часа.
На прв поглед, есенското поместување на часовникот изгледа како добра вест. За разлика од пролетта, кога губиме еден час, сега добиваме дополнителни 60 минути. Но човечкиот организам не функционира според стрелките на часовникот, туку според сопствениот биолошки ритам. Токму затоа, и навидум малата промена може да се почувствува во деновите што следуваат.
Нашиот внатрешен часовник, познат како циркадијален ритам, го регулира времето на спиење и будење, телесната температура, лачењето хормони, чувството на глад и нивото на будност во текот на денот. Ноќеска часовникот ќе се помести за еден час, но на организмот му е потребно време да го усогласи својот ритам со новиот распоред.






















