Новинарката Убавка Јаневска од Велес е една од добитничките на престижната награда „Илија Жупаноски“ за најдобар новинарски труд, заедно со Весна Коловска од Штип. Наградата, која по втор пат ја додели Фондацијата Метаморфозис на конференцијата е-Општество.мк, им припадна како тим авторки за истражувачката приказна „Конти со кинески врски под британски превез ги однесе заштедите на македонските граѓани“.
Јаневска, позната по истражувачкиот свој пристап и упорност, истакна дека наградата е потврда за важноста на истражувачкото новинарство во внатрешноста на државата.
„Нашата сторија откри дезинформации поврзани со пирамидата Конти и илјадници граѓани од Велес, Неготино, Штип, Радовиш и Скопје кои беа вовлечени во оваа игра. Некои Телеграм групи имаше и по 14.200 членови“, рече Јаневска.
Истражувањето покажува дека граѓаните со влогови од 50 до 3.000 евра верувале дека учествуваат во филмски проекти, но реалноста била дека само првите добиваат награди, додека останатите ги губат парите.
„Патот на истражувањето не не однесе од Словенија до Велика Британија, па дури и до Кина, ОАЕ и Камбоџа, каде стоеја луѓето зад компанијата“, додаде Јаневска, потенцирајќи ја својата посветеност на вистината.
„Особена чест ми е да бидам дел од оваа награда. Посакувам таа да продолжи да се доделува и името на Илија Жупаноски да влезе во многу домови на новинари низ Македонија“, заклучи Јаневска.
Наградата „Илија Жупаноски“ е посветена на активист кој го посвети својот живот на борба против дезинформациите и хибридните закани врз демократијата.
„Иако нè напушти прерано, неговата работа остави неизбришлив белег, а неговите заложби продолжуваат да живеат преку сите нас кои се бориме за вистината“, додадоа од Метаморфозис.

















