Одбојкарскиот клуб Виола Волеј од Велес дебитира во Втора лига – жени

По 15 години активно делување во женската одбојка и континуирано учество во младинските категории, одбојкарскиот клуб О.К. Виола Волеј од Велес ќе настапи во Втората лига – жени за првпат во својата историја во новата натпреварувачка сезона 2025/26.

Клубот, кој секоја година ги подигнува своите спортски стандарди, и оваа сезона ќе продолжи со натпреварување и во младинските категории, каде натпреварите ќе се одвиваат во групна фаза. Паралелно, сениорскиот тим ќе се натпреварува во Втора лига – жени, каде ќе учествуваат вкупно 13 екипи, со натпревари во двокружен бод систем, што значи  26 кола, дома и на гости.

Agria

ОК Виола Волеј сезоната ќе ја отвори со домашен натпревар против ОК Виктори Волеј од Струмица во рамки на првото коло. Според пропозициите на натпреварувањето, првопласираната екипа на крајот од сезоната обезбедува директен пласман во Првата лига – жени за сезоната 2026/27, додека второпласираниот тим ќе има можност за бараж натпревар против деветтопласираната екипа од Првата лига.

Во изјава за Батали.нет, тренерот на Виола Волеј, Милан Радевски, истакна дека ова е историска сезона за клубот и голем чекор напред.


„За нас ова е прва сезона од ваков натпреварувачки карактер и тоа е огромна шанса за стекнување на ново, посериозно искуство за нашите девојки. Иако досега сме учествувале на бројни пријателски и меѓународни турнири со екипи од Србија, Грција и Македонија, оваа сезона носи сосема нов предизвик.“

Тренерот Радевски додаде дека атмосферата во тимот е одлична и дека девојките се силно мотивирани пред стартот на сезоната, што е клучен предуслов за добар настап на повисоко ниво. Со овој чекор, Виола Волеј го потврдува својот раст и амбиција да биде сериозен играч на македонската одбојкарска сцена.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: