Колото во ТОП 8 фазата од Првата кошаркарска лига ќе биде отворено во денес од 18.30 часот со дуелот меѓу Вардар и велешки Борец Баскет, натпревар кој може многу да значи во трката за плеј-оф.
По двете победи на стартот од втората фаза, Борец Баскет фати силен ритам и се наоѓа во горниот дел од табелата со ефект 5-3. Велешани покажаа дека имаат квалитет и ширина во ростерот, а добрата форма ја потврдија токму кога беше најпотребно, на отворањето на ТОП 8.
Гостувањето кај Вардар доаѓа во вистински момент. Скопскиот состав има два пораза на стартот од оваа фаза и ќе бара излез од резултатската криза, но токму тоа може да биде дополнителен мотив за избраниците на Ангел Љутков да одиграат дисциплинирано и фокусирано.
Победа над некогашниот суперлигаш би значела сериозен исчекор кон освојување на позиција која води во плеј-оф разигрувањето. Во изедначена конкуренција, секој бод е злато вреден, а Борец Баскет има шанса со нов триумф да ја зацврсти својата позиција меѓу најдобрите.

















