Екипата на Превалец го заврши првиот дел од сезоната како есенски шампион во Третата фудбалска лига – Југ, откако на гостински терен го декласираше Дреново со високи 8:1. Иако имаат ист број бодови со Борец 1919, подобрата гол-разлика му го донесе врвот на табелата на велешкиот тим.
Натпреварот практично беше решен уште во првите 30 минути. Гостите заиграа фуриозно и до 28. минута веќе имаа 0:5, што целосно го одведе мечот во нивна корист. Сепак, дуелот доби дополнителна димензија во 30. минута, кога по еден непромислен старт на играч на Превалец настана турканица меѓу фудбалерите. Главниот судија Душко Стојсављевиќ од Прилеп реагираше строго и додели три црвени картони, два за Дреново и еден за Превалец.
Во вториот дел натпреварот продолжи во многу изменет ритам, а домашниот тим остана со недоволен број играчи за регуларно продолжување. Средбата беше прекината во 70. минута при резултат 1:8, откако Дреново остана со само шест фудбалери во поле.
Со оваа висока победа Превалец ја заокружува есента на најдобар можен начин и ја потврдува кандидатурата за борба за врвот и во пролетниот дел од сезоната.

















