Борец Баскет продолжува со импресивната серија и ја запиша петтата последователна победа, откако синоќа во велешката сала „Гемиџии“ го совлада лидерот на табелата Соколи 1933 со 85:78. Доведувањето на Дерек Елис Јуниор се покажува како вистински потег на управата, од неговото пристигнување тимот не знае за пораз. Со овој триумф, по одиграните осум кола, Борец Баскет се израмни со Соколи 1933 на табелата, со биланс од пет победи и два порази.
Натпреварот започна изедначено, но велешани ја презедоа контролата во втората четвртина, која ја добија со убедливи 28:18. На полувреме се замина со водство од 49:39, што им даде комфор за продолжение.
Во вториот дел се водеше жестока борба на теренот, а публиката во „Гемиџии“ стоечки ги наградуваше борбените моменти на двете екипи. Борец Баскет сепак вешто ја одржа предноста и му се реваншираше на штипскиот тим за поразот на стартот од сезоната.

Дерек Елис Јуниор уште еднаш беше во центарот на вниманието со 21 постигнати поени. Одлична партија одигра и Чадамов кој постигна 20 поени, а двоцифрени беа Штерјовски, Трпевски и Карталовиќ со по 11 поени. Во гостинската екипа, искусниот Караколев запиша 22поени, А.Тодоровски реализираше 18, а Хамилтон уште 13. Во следното коло велешани ги очекува ново дерби пред домашната публика – во „Гемиџии“ гостува актуелниот лидер, Струмица ФМП.

















