Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Дубаи ја прими меѓународната награда „Excellence in Road Safety“ за проектот „Безбеден град“, на свечената церемонија World Police Summit Awards 2026, во рамки на Светскиот полициски самит.
Наградата претставува меѓународно признание за проектот насочен кон подобрување на безбедноста во сообраќајот преку примена на современи технологии, автоматско регистрирање на сообраќајни прекршоци и дигитализација на постапките.
За време на самитот, Тошковски имаше и обраќање пред меѓународни полициски претставници, при што ја истакна важноста на соработката меѓу државите во справувањето со современите безбедносни закани.
Како пример за успешна меѓународна соработка ја посочи заедничката истрага на македонската полиција и американското ФБИ против нелегалната онлајн платформа OLVX, поврзана со трговија со украдени лични податоци и алатки за сајберкриминал.
Според Тошковски, активностите на македонските институции придонеле за заштита на дигиталната безбедност и на граѓани во САД.




















