Кошаркарите на Борец Баскет продолжуваат со одличната серија во Првата кошаркарска лига, откако ја забележаа третата последователна победа совладувајќи го тимот на Спортисимо од Кавадарци со убедливи 90:42.
Велешани доминираа на паркетот од првата па до последната минута, не дозволувајќи им на гостите да влезат во натпреварувачки ритам. Клучен момент беше второто полувреме, во кое Спортисимо постигна само 15 поени, пет во третата и десет во последната четвртина, што најдобро ја отсликува одличната одбрана на Борец Баскет.
Тренерот Ангел Љутков им даде шанса на сите расположливи играчи, кои поминаа од 10 до 20 минути на теренот и сите се запишаа меѓу стрелците. Најефикасни во победничкиот состав беа Несторовски со 16 и Елис со 15 поени, додека двоцифрен учинок имаа и Коцевски, Трпевски и Петровски.
Посебен момент на натпреварот беше и настапот на младиот Димитар Љутков, кој ги одигра првите минути во сениорска конкуренција и постигна 3 поени, а свое сезонско деби имаше и Маријан Климкаров.
















