Премиерот Христијан Мицкоски денеска (2 јуни) изјави дека пратеничката група на ВМРО -ДПМНЕ ќе поддржи предлог за една изборна единица со право да гласа и дијаспората.
„Да го видам законот. Јас еве и во парламентот дадов предлог да имаме една изборна единица со можност да гласа и дијаспората онаму каде што законите и Уставот на државите дозволуваат тоа да биде и надвор од дипломатско-конзуларните претставништва. Јас тоа го кажав. Онаму каде што не дозволува во рамки на дипломатско-конзуларните претставништва, се сеќавам беше и тема на партиски дијалог пред неколку години, но за жал не се успеа тогаш да се направи поради тоа што не бевме подготвени. Но принципиелно, пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржиме една изборна единица во којашто право да гласа ќе има и дијаспората“, рече Мицкоски пред почетокот на свечената академија по повод 80 години од постоењето на Државниот завод за статистика.
Тој потенцира не гледа причина зошто ова да не се случи до следните парламентарни избори доколку се направат подготвки на дипломатско-конзуларните претставништва.
„До следните парламентарни избори имаме неколку години, така што еве ако навреме си ја фатиме работата можеме да ги подготвиме и дипломатско-конзуларните претставништва итн. Не гледам причина зошто тоа да не се случи“, рече Мицкоски.
Прашан дали за оваа идеја има консензус, премиерот нагласи дека засега нема политичка дебата за да се бара компромис и консензус.
Од ЛДП најавија дека денеска ќе поднесат предлог за воведување на една изборна единица во којшто ќе бидат вклучени и предлозите доставени за независни листи.
Демократскиот сојуз, пак, во петокот најави дека во текот на неделава до Парламентот ќе го достави Предлог-законот за измена на Изборниот законик, кој пратениците можат да го дополнат и со забелешките на ОБСЕ и ОДИХР.
Поддршка за една изборна единица дадоа и ТПХ и ДОМ.
Портпаролот на партијата Љубен Аврамовски вчера изјави дека ЛДП дава силна поддршка за воведување на една изборна единица, отворени листи, како и вклучување на предлозите од граѓанскиот сектор за независни листи во креирање на новиот Изборен законик.
Тој потсети дека ова не е нова иницијатива за ЛДП, но за жал, тогаш тие иницијативи не добија поддршка.