30 years Kozuvcanka Web Banner_600x200

Студентите од цела Србија пристистигнаа во Белград: Не рушиме, туку градиме

Илјадници студенти од различни градови во Србија синоќа пристигнаа во Белград пеш и со велосипеди за да присуствуваат на големиот протест кој денеска ќе се одржува во текот на целиот ден во српската престолнина, јави Данас.рс. На плоштадот Теразије им беше организиран свечен дочек со огномет во текот на ноќта. Повеќе светски медиуми го пренесуваа во живо дочекот на студентите. Граѓаните на Белград ги пречекаа студентите со солзи во очите како ослободители на градот и на цела Србија.

Zito akcija 640x289px

За студентите кои дојдоа во главниот град беше обезбеден сместувачки капацитет во повеќе факултети и неколку средни училишта. Поставени беа информативни табли со насоки за организираниот превоз до местата за преспивање, вклучувајќи ги Факултетот за политички науки, Факултетот за спорт, Медицинскиот факултет, Земунската гимназија и други образовни институции.

Agria

Во централните делови на градот, посебно на Плоштадот на Републиката беа поставени шатори на Црвениот крст каде медицински студентски тимови им пружаа помош на оние на кои им беше потребна по повеќедневното пешачење до Белград.

Протестот, кој започнува денеска, ќе биде организиран низ повеќе зони во различни делови на Белград. Како што објавија Студентите во блокада на нивниот Инстаграм профил, организирани се на пет собирни точки од каде ќе тргнат кон српското Народно собрание:

  1. Кај ресторанот Мекдоналдс на Видиковец, собирање во 9:30, поаѓање во 10:00 ч.;
  2. Кај кружниот тек во населбата Автокоманда, собирање во 13:00, поаѓање во 15:00 ч.;
  3. Кружниот тек во населба Нов Белград, собирање во 10:00, поаѓање во 12:15 ч.;
  4. Плоштадот на Републиката, собирање во 13:00, поаѓање во 16:00 ч.;
  5. Населба Вуков споменик, собирање во 13:00, поаѓање во 16:00 ч.

Тие ги објавија и рутите по кои ќе се движат.

Од 16:00 часот пред Народното собрание ќе се одржи протестот каде во 17:00 часот ќе бидат прочитани студентските барања до властите и ќе се одржат студентски говори, потоа ќе има изведба на Блокадниот хор, а во 19:00 часот 15-минутно молчење за загинатите од падот на настрешницата во Нови Сад. За во 20:00 часот студентите ја најавуваат „најголемата бучава во Србија“. Дваесет минути подоцна ќе се читаат писма со поддршка за работниците, а во 21:00 протестот ќе заврши. Потоа, од 21.15 ч. најавено е чистење на фрленото ѓубре за време на протестот.

Студентите ги повикаа сите граѓани да не влегуваат во физички и вербални конфликти и да ги почитуваат упатствата на редарите. Исто така, побараа да не се излегува од предвидените граници на собирот, и да се внимава на градежните активности на улиците.

„Ве молиме да не конзумирате алкохол за време на собирот. Исто така, немојте на носите никакви пиротехнички средства како бакљи, петарди и слично.

Пред две седмици, на 1 март, српските студенти организираа сличен собир во градот Ниш, кој го нарекоа „Студенстки едикт“.

Протестите во Србија, кои кулминираат со денешниот масовен собир во Белград, започнаа пред повеќе од 4 месеци како реакција на трагичниот инцидент во Нови Сад во ноември 2024 година, кога падна настрешницата на железничката станица и одзеде 15 животи. Овој настан го истакна проблемот со корупцијата и небрежноста во инфраструктурните проекти, што предизвика гнев кај јавноста и ги поттикна протестите.

Демонстрантите, предводени од студенти, бараат транспарентност, одговорност и крај на корупцијата во владата на претседателот Александар Вучиќ, кој е на власт повеќе од една деценија. Тие го обвинуваат Вучиќ за авторитарно владеење и за поврзаност со криминални структури. Вучиќ ги отфрла овие обвинувања и тврди дека протестите се поттикнати од странски сили.

Владата презеде повеќе мерки за да го спречи учеството на граѓаните во протестите, вклучувајќи заплашување и предупредувања за можни насилства. Како дел од активностите на српските власти во оваа насока е и упадот на полицијата во пет невладини организации, кои не се поврзани со протестите на студентите. Исто така, една од главните причини за гневот на студентите е фактот што беа тепани и удирани со возила уште на почетокот на нивото организирање.

Сепак, тие останаа решителни во своите барања за правда и реформи и како поминува времето протестите стануваат сè помасовни. Дотолку што се споредуваат со претходни масовни движења во Србија, како што е соборувањето на режимот на Слободан Милошевиќ на 5 октомври 2000 година.

 

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: