Голем интерес и турканици предизвика денешната бесплатна поделба на јајца во Велес, каде за кратко време беа раздадени околу 2.000 табли, односно десетици илјади јајца.
Настанот, кој се одржа по повод претстојните велигденски празници, привлече голем број граѓани, а дел од нив чекаа во редици уште од раните утрински часови. Сепак, поради метежот и притисокот на толпата, ситуацијата на моменти излезе од контрола.
Во еден момент дојде до турканици и налет на граѓани кои сакаа што побрзо да дојдат до бесплатните табли со јајца, по што на терен интервенирше и полицијата за да воспостави ред и да спречи поголем инцидент.
Донацијата беше наменета за граѓаните по повод Велигден, а вакви акции веќе се организираат неколку години наназад, со цел да им се помогне на семејствата во пресрет на празниците.
Иако дел од присутните успеаја да добијат јајца, други останале без нив, бидејќи количините беа поделени за релативно кратко време, за околу еден час.
Настанот уште еднаш покажа дека интересот за вакви хуманитарни акции е голем, но и дека организацијата мора да биде на повисоко ниво за да се избегнат вакви сцени.

















