Во Ликовниот салон во Велес вечерва со почеток од 19 часот ќе биде отворена изложбата „Асфиксија“ на младиот уметник Драган Божино, која носи силна порака и го става во фокус вечниот „борец“ – човекот против загадениот воздух.
Изложбата претставува уникатен уметнички проект во кој Божино се претставува со дела создадени од честички PM10 – токму оние што секојдневно ги вдишуваме. Преку ваков пристап, авторот ја претвора невидливата опасност во видлива уметност, отворајќи прашања за здравјето, животната средина и одговорноста на општеството.
Драган Божино (29) од Кавадарци е дел од новата генерација македонски уметници, препознатлив по својот иновативен и концептуален израз. Дипломирал на Универзитетот ФОН, насока дизајн, а неговите дела често комбинираат уметност со актуелни општествени теми.

















