Во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес денес се одржа Општинскиот натпревар „Млади библиотекари 2026“, на кој учествуваа ученици од основните училишта од Велес, Чашка и Градско. Во силна конкуренција, младите натпреварувачи ги демонстрираа своите знаења и вештини од областа на библиотечното работење.
Најдобар меѓу нив беше Александар Пановски, ученик од ООУ „Даме Груев“ од Градско, кој под менторство на Лидија Картулкова го освои првото место и со тоа обезбеди пласман на Републичкиот натпревар „Млади библиотекари 2026“. Второто место ѝ припадна на Теодора Ристова од ООУ „Блаже Конески“ Велес, додека трет беше Димитар Димитров од ООУ „Даме Груев“ Градско.
Државниот натпревар ќе се одржи на 15 мај во Ресен, каде Пановски ќе има можност да ги одмери своите знаења со најдобрите од целата држава. Покрај дипломите, најуспешните ученици беа наградени и со книги како признание за постигнатиот успех, додека на останатите учесници им беа доделени благодарници за нивното учество.
Натпреварот „Млади библиотекари“ годинава е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам како проект од национален интерес во областа на библиотечната дејност за 2026 година.



















