Кривичниот суд изрече казна затвор од 12 години за Стојанче Јовановски.
Тој беше обвинет за повеќе кривични дела, меѓу кои телесни повреди во рамки на продолжено семејно насилство, загрозување на сигурноста, како и за наведување и помагање во самоубиство.
Случајот е поврзан со трагичниот настан од 2 март оваа година, кога животот го загубија неговата сопруга Ивана Јовановска и нивната шестгодишна ќерка Катја, по пад од зграда.
Јовановски пред судот негираше дека неговите постапки довеле до трагедијата.
За сите три дела на Јовановски изречена му е максимална казна – за телесна повреда 5 години, за загрозување на сигурноста 3 години и за наведување и помагање во самоубиство 5 години. Согласно Законот за кривична постапка, единствената затворска казна е 12 години.
Обвинителството побара тој да остане во притвор до правосилноста на пресудата и судот предлогот го прифати.


















