Дрим Фектори започна со снимање на филмот „Снешко“, во екипата и велешанецот Данчо Стефков

Продукциската куќа „Дрим Фектори“ започна со снимањето на новиот долгометражен филм „Снешко“, тинејџерска драма со елементи на фантазија, која носи приказна за девојка што никогаш во животот не видела снег.

Zito baner

Филмот ја следи 16-годишната Лили, математички гениј која живее на остров каде никогаш не врне снег. Интровертна и различна од својата околина, таа живее во сопствениот свет, силно поврзана со ликот на својот татко морнар, кого во мислите го нарекува „Капетан Снешко“.

Agria

Нејзиниот живот се менува кога тајно математичко здружение ја избира да учествува на натпревар со млади математички таленти во средновековниот Castello di Verrès во Италија. Таму, Лили за првпат добива можност да го види снегот за кој отсекогаш сонувала.

Филмот го режира Стојан Вујичиќ, автор познат по повеќе наградувани играни и документарни остварувања, меѓу кои и „Стела“, првиот македонски долгометражен игран филм за деца.

Во креативниот тим е вклучена и Дена Вујичиќ како креативен соработник, додека сценариото е потпишано од Стојан Вујичиќ и Александар Русјаков.

Во актерската екипа се Ирина Апелгрин, Христијан Ристевски, Тони Наумовски, Даниела Ивановска, Симеон Дамевски и Тони Михајловски.

Како дел од филмската екипа е и велешанецот Данчо Стефков, кој на проектот работи како DIT (Digital Imaging Technician) и „editor on set“, а е вклучен и во процесот на монтажа и постпродукција.

Кинематографер на филмот е Дејан Димески, костимограф Гео Павлов, сценограф Влатко Зафирковски, додека за шминката се задолжени Магдалена Бојаџиева и Снежана Ангеловска Живковска. Продуцент е Огнен Антов.

„Снешко“ е меѓународна копродукција на „Дрим Фектори“ од Македонија со партнерски продукции од Хрватска, Италија, Бугарија и Албанија. Проектот е поддржан од Агенцијата за филм и националните филмски фондови на земјите партнери.

Дрим Фектори“ е продукциска куќа основана од Огнен Антов во 2007 година. Во своето осумнаесетгодишно постоење, продукцијата изгради уникатно портфолио кое се движи помеѓу македонскиот авторски кинематографски израз и меѓународните копродукции со светска фестивалска и дистрибутивна видливост. Огнен Антов е основач на продукцијата, а воедно и претседател на Здружението на Македонски филмски продуценти и продуцент на над 20 долгометражни и кратки филмови во последниве 18 години. Еден од последните проекти на „Дрим Фектори“ – филмот „Вера сонува за морето“, во режија на Калтрина Красниќи, беше дел од еден од натпреварувачките програми на Венеција 2022, а со филмот „Оче наш“ беше дел од престижниот филмски фестивал од „А“ категорија во Торонто. Со „СНЕШКО“ („THE SNOWMAN“), „Дрим Фектори“ под водство на Стојан и Огнен, за прв пат
го поставуваат македонскиот авторски игран филм во директна конкуренција со европскиот фестивалски пазар за младинска кинематографија.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: