Маглешов: Премиер да врти кај обвинител за предмет е слика за држава без систем

Новинарот и аналитичар на судските состојби Васко Маглешов остро реагира на комуникацијата меѓу премиерот и државниот обвинител околу предметот за мазутот, оценувајќи дека ваквите телефонски разговори отвораат сериозни дилеми за независноста на обвинителството и односот меѓу извршната и судската власт.

Zito baner

„Кога на граѓани и фирми им се отфрлаат пријави, никој не му се јавува на обвинителот за да му каже дека е ‘шокиран’. Премиер врти кај државен обвинител да праша за предмет само во држава без систем“, напиша Маглешов на Фејсбук.

Agria

Тој прашува и зошто премиерот воопшто разговарал со државниот обвинител, а не со обвинителството кое директно го водело предметот за мазутот и ја запрело постапката. Според него, проблематични се и јавните пораки дека ЕСМ треба да поднесе жалба на одлуката, иако, како што наведува, претставници на самата компанија пред обвинителството изјавиле дека не сметаат оти е направена штета.

Маглешов оценува дека и реакцијата на државниот обвинител повеќе звучела како обид за правдање отколку како демонстрација на независност.

„Не зборувавме за детали“, „првпат се слушаме“…“, ги издвојува Маглешов деловите од соопштението, додавајќи дека е поразително што државна институција во детали прераскажува како течел разговорот меѓу премиерот и обвинителот.

Тој смета дека обвинителот требало јасно да му порача на премиерот никогаш повеќе да не се јавува за конкретни предмети, а евентуалната комуникација меѓу нив да се однесува исклучиво на буџетот и условите за работа во обвинителството.

Во реакцијата, Маглешов кратко се осврнува и на ставот на министерот за правда, наведувајќи дека „не вреди ни да се коментира“.

Случајот предизвика сериозни политички и правни реакции откако премиерот јавно соопшти дека разговарал со државниот обвинител за одлуката со која беше запрена постапката за набавката на мазут. Во јавноста се отвори дебата дали таквата комуникација претставува политички притисок врз обвинителството и дали се нарушува принципот на независност на институциите. Дополнителни реакции предизвика и фактот што самото обвинителство објави детали од разговорот, што дел од правните експерти го оценија како невообичаена пракса во демократски систем.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: