Во Локална библиотека „Гоце Делчев“ – Велес вчера беше промовирана сликовницата „Приказна за ветрето“ од Лили Арсова. Станува збор за десетто книжевно дело на авторката, кое пред присутните беше претставено како поетична и симболична приказна посветена на детскиот свет и имагинација.
Промотори на сликовницата беа м-р Ели Маказлиева и проф. д-р Елизабета Бандиловска. Во своето обраќање, Маказлиева истакна дека „Приказна за ветрето“ е нежно и внимателно обликувано литературно дело кое со својата едноставност и поетичност отвора простор за детската фантазија.
„Ветрето не е само природна појава, туку жив, динамичен и симболичен лик со свои желби, игри и пораки. Тоа е другар на децата – понекогаш тивко и мудро, понекогаш разиграно и весело, но секогаш присутно како симбол на движење, учење, растење, промена и слобода“, посочи Маказлиева.
Таа додаде дека книгата има цел да ја поттикне љубопитноста кај децата, да ја развива фантазијата и да го стимулира нивниот емоционален и креативен развој.
Авторката посочи дека „Приказна за ветрето“ е сликовница што со топол и поетски јазик ги воведува децата во свет исполнет со природа, игра и чуства. Таа ова сликовница им ја посвети на своите внуци.



















