Велес се сеќава на својот најголем поет, 83 години од смртта на Кочо Рацин

Koco Racin Beli Mugri

На денешен ден, 13 јуни 1943 година, на планината Лопушник кај Кичево трагично згасна животот на Коста Апостолов Солев – Кочо Рацин, еден од најзначајните македонски поети, писатели и револуционери. Иако живееше само 34 години, неговото творештво и денес претставува темел на современата македонска книжевност.

Zito baner

Рацин е роден на 22 декември 1908 година во Велес, во сиромашно грнчарско семејство. Тешките животни услови го принудиле уште од млад да работи, но не го оддалечиле од литературата и општествениот ангажман. Покрај поезијата, се занимавал и со проза, книжевна критика, историски и филозофски трудови.

Agria

Неговото најзначајно дело е стихозбирката Бели мугри, објавена во 1939 година, која и денес се смета за едно од највредните дела во македонската литература и симбол на македонската културна и национална самобитност.

Посебно место во животот на Рацин имала велешанката Рахилка Фирфова – Раца, по која го добил својот најпознат псевдоним. Во текот на 1928 и 1929 година ѝ испратил 31 дописна картичка исполнета со стихови, мисли и љубовни исповеди, кои сведочат за нивната блиска врска.

Покрај книжевната работа, Рацин бил активен и во комунистичкото движење, поради што повеќепати бил апсен и прогонуван. Во мај 1943 година им се приклучил на партизанските единици и станал уредник на партизанскиот весник „Илинденски пат“. Само еден месец подоцна, на 13 јуни, бил смртно застрелан во близина на партизанската печатница на Лопушник.

Според официјалната верзија, Рацин загинал во несреќен случај кога стражар отворил оган откако тој не одговорил на повикот за идентификација. Но, околностите околу неговата смрт со децении предизвикуваат различни толкувања и сомневања, поради што неговото загинување и денес останува една од најдискутираните теми во македонската историја.

Осум децении по неговата смрт, делото на Кочо Рацин продолжува да живее, а неговите стихови и понатаму се препознаваат како едни од најсилните сведоштва за животот, борбата и надежите на македонскиот народ.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: