Рецептот за узурпација е следниот: парчето земја од најмалку 100 до 300 метри квадратни кое ќе му се бендиса на узурпаторот прво се оградува со жичана ограда, се поставува шатор или камп, се гради објект од дрво кој личи на бунгалов, а потоа во период од една до три години тој се претвора во огромна куќа од цигли и бетон.
Стотина жители во дивата населба на долниот тек на реката Бабуна веќе трета деценија играат улога на сопственици на узурпирано државно земјиште. Откако пред 25-30 години без дозвола присвоиле плацови во заштитена зона без око да им трепне, дел од нив сега го продаваат „својот“ имот на интернет огласувачите, како и секоја недвижност.
„Се продава викендица на долна Бабуна, поточно кај 3-ти вир, внатрешно средена со фурна и скара од камен со голем двор Цена 25.000 евра, квадратура 80м2, број на соби: 3. Се продава наместена“, гласи огласот од 27 јули објавен на еден од најпознатите огласувачи на интернет.
„Се продава културно заградено место на долна Бабуна први вир до игралиштето кај камповите, железни столбови, бетонирани, мрежна ограда, влезна врата и една помошна за кон реката, има скара, столови и маса, цена по договор“, стои на огласот во групата на Фејсбук „Купи продај Велес“, објавен во 2024 година, кој предизвика лавина реакции кај граѓаните од Велес.
Целиот текст на авторот Орце Костов и Олгица Наумовска на медиумот на заедницата Локал Актив можете да го прочитате тука.






















