Во рамките на манифестацијата „Велешко лето 2026“, во организација на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“, во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ се одржа 17. издание на „Велешка поетска вечер“.
Културната манифестација и годинава ги собра љубителите на пишаниот збор, поезијата и современата македонска литературна мисла, нудејќи простор за средба и размена на творечки искуства меѓу автори од повеќе градови.
На поетската вечер се претставија реномирани писатели, поети и афористичари, како и членови на здруженија на писатели и литературни клубови од Велес, Штип, Крива Паланка и Битола.
Пред присутната публика, учесниците ги претставија своите поетски и прозни остварувања, преку кои беше прикажана разновидноста и богатството на современото македонско литературно творештво.






















