Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јули изнесувала 48.499 денари, објави Државниот завод за статистика. Во споредба со јули минатата година, просечната плата е зголемена за 7,1 отсто номинално, додека реалниот раст, откако ќе се земе предвид инфлацијата, изнесува 4,7 отсто.
На месечно ниво, растот е минимален. Во јуни просечната нето-плата изнесувала 48.381 денар, што значи дека во јули е зголемена за 0,2 отсто номинално, односно за 0,1 отсто реално.
Највисоки просечни примања и понатаму имаат вработените во секторот „Информации и комуникации“, каде што просечната нето-плата достигнала 89.532 денари. На спротивниот крај е секторот „Објекти за сместување и сервисни дејности со храна“, односно угостителството и хотелиерството, каде просекот изнесувал 34.693 денари.
Од Државниот завод за статистика посочуваат дека годишното зголемување на просечната плата, меѓу другото, се должи на растот на платите во финансиските дејности и осигурувањето за 10,7 отсто, снабдувањето со вода, управувањето со отпад и санацијата на околината за 10,4 отсто, како и во дејностите поврзани со недвижен имот за 9,6 отсто.
Во однос на претходниот месец, најголемо зголемување на просечната нето-плата е забележано кај стручните, научните и техничките дејности – 4,3 отсто, потоа во трговијата – 3,2 отсто и во градежништвото – 2,3 отсто.























