Во Македонија првпат е извршена трансплантација на бубрег од мајка на дете со Алпортов синдром, ретка наследна генетска болест, која го оштетува бубрежното ткиво и може да доведе до бубрежна слабост – информираат од Министерството за здравство (МЗ).
По спроведените потребни медицински испитувања, утврдена била компатибилност меѓу донорот и примателот, а мајката е оценета како соодветен жив дарител. Нејзината одлука, велат од МЗ, му дава на детето нова шанса за живот и претставува значаен медицински успех во третманот на пациентите со ретки заболувања.
– Ова е пример за најдоброто во нашето здравство – стручност, тимска работа и човечност. Секој трансплантиран бубрег значи нова шанса за живот – вели министерот за здравство, Сашо Клековски.
Пред неколку дена министерот Клековски ги посетил пациентите на кои им била извршена трансплантација на бубрег на Универзитетската клиника за урологија. Кај двајца пациенти бил трансплантиран бубрег од починат дарител, а кај третиот била извршена трансплантација од жив дарител.
– Со овие три трансплантации, вкупниот број трансплантации на бубрег на Универзитетската клиника за урологија годинава достигна 15 во споредба со 11 трансплантации во текот на цела 2025 година – се вели во соопштението од Министерството за здравство.
Алпортовиот синдром, појаснуваат од МЗ, е ретка наследна болест, која го зафаќа бубрежното ткиво, а во потешките случаи може да доведе до бубрежна слабост и потреба од дијализа. Според Министерството, овој случај покажува дека со соодветна дијагностика, темелна медицинска процена и внимателна подготовка трансплантацијата може да биде можност и за пациенти со ретки генетски заболувања.
Упатуваме благодарност до семејството за довербата и за согласноста случајот да биде јавно споделен, како и до целиот медицински тим, кој деноноќно е вклучен во оваа сложена медицинска постапка – вели проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.




















