Нов закон за јавниот сектор: Дел од ангажираните со договор на дело ќе добијат работа за постојано

administracija

Лицата ангажирани со договор на дело и други видови договори во дел од јавниот сектор ќе добијат можност за вработување на неопределено време, со законско решение што предвидува фазна трансформација на нивните ангажмани.

Zito baner

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на прес-конференција истакна дека со предложениот закон се решава долгогодишен проблем на луѓето кои со години работат во институциите без сигурност за својата работна иднина.

Agria
Институциите опфатени со законот ќе имаат рок од 90 дена од неговото стапување во сила да ги склучат договорите или да ги донесат решенијата за вработување. За најмногу 50 проценти од опфатените лица трансформацијата ќе стапи во сила веднаш, додека за останатите крајниот рок е 31 декември 2027 година.

Правото ќе важи за лицата што имаат важечки договор на денот на стапувањето во сила на законот и чиј договор ќе биде важечки и во моментот на трансформацијата. Додека трае постапката, институциите нема да смеат да ги раскинуваат нивните договори, освен во случаи на повреда на договорните обврски.

Од 1 јануари 2028 година, ангажирањата преку определени видови договори во опфатените институции ќе бидат ограничени на најмногу 10 проценти од вкупниот број вработени на крајот од претходната година. Предвидени се исклучоци, како и можност за привремено надминување на ограничувањето со претходна финансиска согласност. За раководните лица што нема да ги почитуваат правилата се предвидени глоби од 250 до 500 евра во денарска противвредност.

Министерството за финансии ќе го контролира финансискиот аспект на процесот и ќе издава согласности врз основа на доставената документација и расположливите буџетски средства.

Предлог-законот не ги опфаќа, меѓу другите, основните и средните училишта, високообразовните и научните установи, акционерските друштва, Армијата и институциите од безбедносниот сектор. Стојаноски оцени дека решението треба да ја зголеми работната сигурност на илјадници граѓани и да спречи ваквите договорни ангажмани повторно да станат долгорочна практика.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: