Народната банка воведува привремена администрација во Алта банка АД Битола. Одлуката ја донел Извршниот одбор на Народната банка на денешната седница, а ја соопшти гувернерот Трајко Славески.
Како што информираше Славески, станува збор за временска мерка со која управувањето со банката привремено ќе премине во рацете на лица назначени од Народната банка.
Во наредниот период ќе бидат воведени и одредени ограничувања при извршувањето на плаќањата. За граѓаните е предвиден лимит од 10.000 денари во текот на една седмица.
Гувернерот појасни дека при утврдувањето на висината на лимитот, како една од насоките бил земен предвид износот на просечната плата.
„Овие мерки се воведени со цел да се заштитат имотот и интересите на штедачите“, рече Славески.
Гувернерот додаде дека до вчера околу 2 милиони евра се подигнати од банката. Кажа дека има заинтересирани купувачи за акциите и од земјава и од странство.
Апелира до сите учесници во јавната дебата да се воздржат од изјави кои се хушкачки. Ги повика оние кои имаат кредити да ги подмируваат своите обврски.
Народна банка на Србија вчера ја одзеде дозволата за работа на Алта банка а.д. Белград.





















