Младите кошаркари на Борец Баскет забележаа пораз на домашен терен од Водно Санс со 84:95, во натпревар од М-18 Првата лига. За велешани ова беше трет пораз во досегашниот тек на првенството.
И покрај поразот, натпреварот го одбележа уште една извонредна индивидуална партија на Кристијан Коцевски, кој постигна неверојатни 53 поени. Ова е втор негов спектакуларен настап во краток период, откако пред само два натпревари, во победата против Работнички, постигна дури 66 поени.
За разлика од М-18 екипата, кошаркарите на Борец Баскет до 20 години се радуваа на победа. Во натпревар од М-20 лигата, велешани го совладаа МЗТ Скопје со 90:77 и ја запишаа третата победа во првенството.
Најефикасен во редовите на Борец Баскет беше Кристијан Коцевски со 28 поени, додека Сапроновски придонесе со 23 поени.
Со ова, Борец Баскет продолжува со натпреварите во двете младински конкуренции, а особено радува ефикасноста на Коцевски, кој со своите настапи привлекува внимание.





















