Трошоците на животот во октомври 2026 година бележат раст од 0,4 проценти во однос на претходниот месец, додека на годишно ниво инфлацијата достигна 3,3 проценти, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Најголемо месечно зголемување на трошоците е забележано кај алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците, за 2,5 проценти. Следуваат облеката и обувките, како и рекреацијата, спортот и културата со раст од 1,2 проценти, додека храната и безалкохолните пијалаци поскапеле за 0,7 проценти.
Зголемување има и кај трошоците за домување, вода, електрична енергија и горива за 0,3 проценти, како и кај здравствената заштита за 0,1 процент.
Од друга страна, намалување на трошоците е регистрирано кај покуќнината и опремата за домаќинствата за 1,3 проценти, рестораните и услугите за сместување за 0,7 проценти, личната нега за 0,5 проценти и транспортот за 0,3 проценти.
На годишно ниво, во октомври годинава во споредба со истиот месец лани, индексот на трошоците на животот е зголемен за 3,3 проценти, додека индексот на цените на мало бележи раст од 3,2 проценти.




















