Од утре, 24 ноември, на полноќ, стапуваат во сила новите максимални малопродажни цени на горивата, одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Најголемо намалување има кај дизелот, чија цена се намалува од 92 на 88,50 денари за литар. „Еуросупер БС-95“ поевтинува од 84 на 82 денари, додека „Еуросупер БС-98“ ќе се продава по цена од 84 денари за литар, наместо досегашните 86 денари.
Со новите цени, возачите што точат 50 литри дизел ќе заштедат 175 денари. Кај бензините, за истото количество гориво заштедата изнесува 100 денари. Поевтинува и екстра лесното масло за домаќинство, од 100,50 на 98 денари за литар.
Максималната цена на мазутот се намалува од 48,314 на 48,110 денари за килограм, при преземање од складот на трговецот на големо.
Од РКЕ потсетуваат дека бензинските станици можат да ги продаваат горивата и по цени пониски од утврдените максимални.




















