Националната здравствена служба (НХС) соопшти дека вчера во Велика Британија почна големо клиничко испитување за откривањето на рак на дојка со примена на вештачката интелигенција. Целта на истражувањето е туморите да се откриваат во што порана фаза, а истовремено да се намали оптовареноста на радиолозите.
Во тригодишното истражување ќе бидат вклучени 700.000 жени од Велика Британија, а првите учеснички веќе се избрани во болниците при Универзитетот во Кембриџ.
– Станува збор за досега најголемото истражување во светот за примена на вештачката интелигенција во откривањето на ракот, изјави британската министерка за здравство, Ивет Купер.
Ракот на дојка е најчестиот вид рак кај жените во Велика Британија. Годишно се дијагностицираат околу 55.000 случаи, а приближно 11.500 жени умираат од оваа болест.
Жените кои ќе учествуваат во националната програма, ќе направат стандарден мамографски преглед, кој дополнително ќе биде анализиран со помош на алатка со вештачка интелигенција, наменета за препознавање потенцијални абнормалности.
Во моментов секоја мамографска снимка ја прегледуваат двајца медицински експерти. Целта на испитувањето е да се утврди дали системот што ја комбинира работата на радиолозите со ВИ може да обезбеди исто ниво на безбедност и ефикасност, а притоа да ја намали потребата од ангажирање медицински персонал.
Таквата примена би можела да го намали товарот врз медицинските работници, кои би се посветиле на други активности поврзани со болеста. Со ова би се намалило чекањето за здравствените услуги и би помогнало за нејзино побрзо откривање и лекување, а со тоа и спасување на повеќе животи
Според професорот Питер Џонсон, национален клинички директор за онкологија во НХС за Англија, вештачката интелигенција има огромен потенцијал да направи значителни промени во начинот на дијагностицирање на ракот на дојка.
Од април 2021 година до почетокот на декември 2022 година, во рамки на националната програма за рано откривање на ракот на дојка, во Шведска се направени 106.000 мамографски прегледи. Резултатите од ова истражување објавени во јануари во медицинското списание „Лансет“, покажале дека мамографските прегледи со помош на вештачка интелигенција даваат подобри резултати во споредба со прегледите што ги вршат исклучиво лекари.




















