Министерството за правда соопшти дека постапува исклучиво согласно законите и меѓународните договори во однос на случајот со поранешниот премиер Никола Груевски и дека се преземаат сите потребни чекори за комплетирање на документацијата и нејзино соодветно процесирање.
„Министерството нема надлежност да ги преиспитува правосилните судски одлуки, туку е должно да постапува по нив“, се наведува во соопштението.
Воедно, од таму посочуваат дека сите постапки се водат низ институционален процес и во соработка со надлежните органи на Унгарија, без влијание на политички изјави или квалификации.
Министерството додава дека останува посветено на владеењето на правото и почитувањето на правниот поредок.
Поранешниот македонски премиер Никола Груевски од Унгарија преку Фејсбук му се обрати на министерот за правда Игор Филков, откако тој најави постапка за негова екстрадиција. Груевски на Филков му порача да не станува дел од „големата валкана игра од минатото, туку да дејствува праведно и воден од својата совест и свест”.
Поранешниот премиер напиша и дека очекува „пародијата на правосудниот систем на Македонија” да допре и до Европската Унија и му предлага на министерот Филков ревносно да ги истражи злоупотребите и незаконските постапки при политичкиот прогон во годините на Заев, монтираните судски постапки и неправдите што ги направил за да може полесно да владее.
Груевски тврди дека од кабинетот на Заев биле доставувани списоци за тоа кој треба да биде гонет за да се направи дека е криминалец и да се острани од политиката, а кој за да биде уценет и лажно да сведочи против други. Тој воедно побара и ревизијата за предметите за кои досега беше осуден.



















