Велешките атлетичари уште еднаш го потврдија својот квалитет и одличната форма. На последната, 15. трка од официјалниот календар на Македонската тркачка лига за 2026 година, која изминатиот викенд се одржа во Гевгелија, атлетичарите на АК „Борец“ – Велес го освоија првото место во екипниот пласман кај мажите.
На популарната трка „Gevgelija Run“, на патеката долга 10 километри, велешкиот клуб настапи со четворица натпреварувачи и во конкуренција на 14 екипи стигна до највисокото место на победничкиот пиедестал.
Со вкупно време од 2 часа и 35 минути, атлетичарите на „Борец“ беа побрзи за цели пет минути од второпласираниот тим, потврдувајќи ја одличната форма и успешната сезона.
Индивидуалните резултати на велешките атлетичари на 10 километри се:
Трајче Илијевски – 35:56 минути
Јованче Јанев – 38:22 минути
Борче Игевски – 40:07 минути
Срѓан Милошевски – 40:36 минути
Со овој триумф во Гевгелија, АК „Борец“ ја заокружи натпреварувачката сезона со уште еден значаен успех, потврдувајќи го континуитетот на добри резултати и посветената работа на клубот, кој достојно го претставува Велес на македонската атлетска сцена.




















