Издавачката куќа Паблишер ја објави студијата „Рацин(е!)“ на велешанката Марија Ѓорѓиева-Димова, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Според рецензентката, академик Катица Ќулавкова, „студијата е значаен придонес кон развојот на ‘рацинологијата’. Како еден од водечките теоретичари во македонската современа книжевна наука, Марија Ѓорѓиева-Димова го насочува дијалогот кон аспектите на книжевноста што таа теориски извонредно ги познава: (авто)референцијалноста, апострофичноста, интертекстуалноста, цитатноста во Рациновата поезија, во случајов, во контекст на култната збирка на Рацин, Бели мугри. Студијата Рацин(е)!, без сомнение, претставува едно впечатливо, оригинално, теориски и илустративно цврсто засновано толкување на поезијата на Кочо Рацин во контекст на неговото и на нашето време, од поетичка, но и од културолошка и од историска перспектива“.
Во воведот под наслов „Зошто Рацин?“ авторката ја истакнува важноста на „интерпретативното навраќање кон Рациновото дело, кое носи со себе и дополнителна, етичка и педагошка функција: во смисла дека на секоја следна (нова/млада) генерација читатели треба, критички и толкувачки, да им се доближи еден корпус којшто е доминиран со референцијалните фокуси врз контекстите во коишто бил создаван, корпус којшто е импрегниран со ангажиран предзнак, но исто така, и да се посочи универзалноста и безвременоста на неговите тематски преокупации, видливи во космополитските, во хуманистичките и во социјалните слоеви на текстовите и, секако, нивната несомнено естетска димензија и уметничка вредност.

Дополнително, тоа значи да се освестат и одредени паралели меѓу епохата во којашто живеел и творел Рацин (првата половина од XX век) и епохата на современата генерација читатели и толкувачи (првата половина од XXI век), како епоха во којашто човештвото се соочува со процесите на дехуманизација, на социјална неправда, на ограничени слободи, токму процесите што ги сведочел и Рацин“.




















