Железничарскиот боречки клуб Борец од Велес со свеченост го одбележа големиот јубилеј – 65 години од своето постоење. Шест и пол децении клубот е дел од велешката спортска историја, а низ годините во него минале бројни генерации борачи, тренери и спортски работници кои придонеле за развојот и афирмацијата на борењето.
Во рамките на одбележувањето на јубилејот, претходно во спортската сала на ООУ „Блаже Конески“ се одржа и 25. јубилејно издание на меѓународниот турнир во борење „Коцев Љубомир – Листон 2026“, кој традиционално ги собира борачите и љубителите на овој спорт.
Централниот дел од прославата беше посветен на луѓето кои низ годините биле дел од клубот, но и на оние кои придонеле за неговото опстојување и развој. По тој повод беа доделени благодарници на поранешни членови на ЖБК Борец, како и на поддржувачи кои со својата помош и посветеност дале придонес во работата на клубот.
65-годишниот јубилеј претставува потсетување на богатата традиција на ЖБК Борец и на сите генерации кои го граделе неговото име, но и обврска таа традиција да продолжи и во иднина, со нови спортски генерации и успеси.

































