Македонскиот одбојкарски тренер, велешанецот Јованче Манасков учествуваше на меѓународниот курс за тренери од второ ниво во организација на Меѓународната одбојкарска федерација (FIVB) и Катарската одбојкарска федерација (QVA), кој се одржа во Доха, Катар.
На едукативниот курс учествуваа 37 тренери од 21 држава и пет континенти, меѓу кои и претставници од Македонија, Србија, Полска, Турција и Белорусија.

Програмата опфати предавања и стручна размена со реномирани меѓународни одбојкарски имиња, меѓу кои Џон Кесел од САД, член на Меѓународната куќа на славните во одбојката, Шериф Ел Шемерли од Египет, селекторот на машката репрезентација на Катар, Камило Сото од Аргентина, како и кондицискиот тренер Никос Васкез.
По завршувањето на курсот, Манасков преку објава на социјалните мрежи истакна дека се враќа со нови знаења, драгоцено меѓународно искуство и контакти со тренери од различни делови на светот.

Тој упати благодарност до Одбојкарската федерација на Македонија за довербата и поддршката, како и до организаторите за успешната реализација на едукативната програма.




















