Од недела, 15 ноември, стапува на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата. Правилото ќе важи до 15 март 2027 година, а возачите кои нема да го почитуваат ризикуваат казна од 45 евра, односно околу 2.770 денари.
Обврската се однесува на сите моторни возила што учествуваат во јавниот сообраќај, без разлика на временските услови и дали на патиштата има снег или мраз.
За патничките возила до 3.500 килограми, зимска опрема подразбира зимски гуми на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од четири милиметри. Дозволено е и користење летни гуми со иста минимална длабочина на шарата, но во тој случај возачите мора да имаат синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала.
Кај возилата со погон на сите четири тркала (4х4), зимските гуми треба да имаат шара длабока најмалку шест милиметри. Доколку се користат летни гуми, минималната длабочина е четири милиметри, а задолжителни се и синџири за снег.
За товарните возила со најголема дозволена маса над 3.500 килограми, задолжителни се зимски пневматици на погонските тркала со најмалку шест милиметри шара. Алтернатива се летни гуми со најмалку четири милиметри шара, но со задолжително поседување синџири за снег или други пропишани помагала.
Автобусите и товарните возила кои поради технички причини не можат да постават синџири на погонските тркала мора да имаат зимски гуми на погонските тркала и прирачен алат, односно лопата.
Зимските гуми се препознаваат по ознаките „MS“, „M+S“ или „M&S“, како и по симболот на снегулка на планина со три врва.
Надлежните потсетуваат дека возачите треба навреме да ја проверат состојбата на пневматиците и задолжителната дополнителна опрема, бидејќи контролите ќе се спроведуваат во текот на целиот период на важност на обврската. Целта е зголемување на безбедноста во сообраќајот во зимските месеци.




















