Актерот од Театар Ј.Х.К. Џинот, Фаил Мефаиловски, со остар и емотивен статус на социјалните мрежи ја критикуваше селекцијата и концептот на годинашниот фестивал МТФ „Војдан Чернодрински“, директно обраќајќи ѝ се на селекторката и директорка на фестивалот, Ана Стојаноска.
Во статусот со наслов „Шизофренијата во селекцијата и селекцијата во шизофренија“, Мефаиловски обвинува дека фестивалот се води „од его“, а не од вистински театарски вредности.
„Драга докторке, драга даскалке, ако мислите дека театарот започнува од Вас, многу се лажете. Театарот постоел пред Вас, а ќе постои и после Вас. Не можете фестивалот да го третирате како своина, како наследство од далечен роднина од Америка“, пишува актерот.
Тој реагира и на односот кон велешкиот театар, посочувајќи дека претставите од Велес или не се селектираат поради технички услови, или се омаловажуваат кога станува збор за комедии.
„Кога правиме уметнички претстави (по Ваши критериуми) рамни со уметноста која се создава во светот, не нè селектирате затоа што немате каде, не можете ни да замислите технички да ги издржите претставите, затоа што имате една и пол функционална чига. Кога правиме „квази“ комедии, нè плукате и ни се исмевате, а згора на сè и се курчите, нè гледате од високо, со гадење“, наведува Мефаиловски.
Во објавата, актерот го отвора и прашањето за односот меѓу уметноста и публиката, критикувајќи го, како што вели, елитистичкиот пристап кон театарот.
„И да, театарот е на публиката. Не гледам ништо лошо во тоа да сакаме театарот секогаш да ни е полн со публика“, пишува тој, додавајќи дека подеднакво тешко е да се создаде и комедија и сериозна уметничка претстава.
Мефаиловски ја обвинува селекторката и за лицемерие околу поддршката на македонските автори.
„Цело време трубите дека македонските театри не третираат македонски автори. Кога некој ќе го направи тоа, Вие, драга даскалке, не ги селектирате“, стои во статусот.
Во завршницата, актерот оценува дека фестивалот изгубил дел од некогашниот дух и заедништво.
„Многу е тажно што од фестивал на кој било престиж да се учествува направивте панаѓур“, пишува Мефаиловски.
Тој потенцира дека неговата реакција не е насочена кон колегите чии претстави се избрани, туку кон тоа што велешкиот театар не е дел од јубилејното 60-то издание на фестивалот.
„Годинава е јубилејна година на фестивалот „Војдан Чернодрински“. 60-ти роденден. Само што некој е поканет на роденденот, а некој не“, наведува актерот.



















