42-годишен велешанец пријавил во СВР Велес дека бил измамен за сума од 50.000 денари, откако наводен изведувач со месеци го одолговлекувал почетокот на работите за уредување на дворно место, а потоа целосно престанал да му се јавува.
Според информациите од полицијата, велешанецот преку социјална мрежа стапил во контакт со В.Б. (31) од Скопје, со кого се договориле за уредување на дворот. Како што е наведено во пријавата, оштетениот однапред исплатил дел од договорената сума.
Но, наместо да започне со работа, скопјанецот во повеќе наврати давал различни оправдувања и го одложувал почетокот на ангажманот. Во меѓувреме, престанал да одговара и на телефонските повици и на пораките. Од СВР Велес информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.



















